Ребаланс на буџетот- за власта развоен, за опозицијата предизборен поткуп

Собранието денеска трет ден одржува општа расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вметнати и осумте амандмани усвоени на матичната Комисијата за финансирање и буџет. Општата расправа може да трае пет дена.

Во текот на расправата пратениците од власта нагласија дека ребалансот е развоен и дека со него се зголемуваат средствата за инвестиции и за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19, а нивните колеги од опозицијата сметаат дека ребалансот претставува предизборен поткуп и одраз на неодговорното работење на Владата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски рече дека ребалансот пред се е изборен, а воопшто не е развоен.

„Ребалансот апсолутно е во насока на предизборен институционален поткуп… Го уништувате и го упропастувате бизнисот и стануваме предмет на потсмев од економски бизнис аспект на соседните држави. Владата воопшто нема антиинфлациски мерки туку, напротив, се труди да ја поттикне инфлацијата преку воведување нови такси за горивата и нови даноци“, рече Петрушевски.

Лолита Ристова од СДСМ, пак, нагласи дека и ребалансот исто како и претходно Буџетот се движи во насока на справување со последиците од корона кризата преку зголемување на обемот на инвестиции за компаниите, отворање работни места.

„Се води сметка на расходната страна да бидат ограничени определени непродуктивни трошења, односно тие се сведени на минимум. Имаме план како да се менаџира буџетскиот дефицит и да се овозможи заздравување на економијата“, рече Ристова.

Скендер Реџепи од Алтернатива смета дека државата е во лоша состојба поради лошото менаџирање на кадрите од ДУИ.

„Затворени се илјадници бизниси заради не добивање помош за време на пандемијата, особено во угостителството, а во исто време некои компании бележат екстра профити. Играта со ребалансот на Буџетот треба да престане. Не му личи на Собранието толку ниско да паднат граѓаните“, рече Реџепи.

Инаку приоритетите на Владата во предлог ребалансот се подобро да се справи со пандемијата, па затоа одвојува повеќе пари за здравството, за вакцини и повеќе пари во програмите за поддршка во справување со последиците од ковид-19. Со предлогот за прекројување на државната каса се кратат пари за нови училишта, се кратат пари од Министерството за одбрана, се крати од парите за екологија.