Додека е Зоран Заев на власт, дотогаш правдата нема да живее во Република Македонија, рече денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Реакцијата на опозициската партија следува по денешната пресуда за случајот „Организатори на 27 април“ во кој осудени се поранешните државни функционери од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на затворски казни од шест до шест и пол години.
„Денешната одлука на судот е темпирана и планирана прeсуда која има за цел да создава страв кај политичките непријатели на Зоран Заев и целосно ја руши демократијата во државата“, рече Арсовски.
Според него додека политичките непријатели се казнуваат со, како што рече, неосновани пресуди власта на Заев ја дефокусирала јавноста од сопствените криминали и корупција.
„Ваквата пресуда не е ништо друго туку продолжување на праксата на власта да се изживува со судбини, во случајот со лица кои во постапката покажаа дека се невини, а судот пресудителната одлука ја темели само на исказ на човек со дебело криминално досие кој што според вештачењето се докажа дека воопшто и не бил присутен на местото за кое што сведочи“, вели Арсовски кој тврди дека целата пресуда се темели на исказот на Александар Василевски – Нинџа, човек, со како што рече дебело криминално досие.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ им порача на судиите, кои како што рече, му слугуваат на Заев дека требало да знаат дека брзо ќе дошло време кога ќе требало да дадат одговор за сите вакви одлуки.
Инаку осудените до правосилноста на одлуката остануваат во домашен притвор. Тие се осудени за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Судијата Илија Трпков рече дека случувањата на 27 април 2017 година во Собранието се напад врз сржта на демократијата.