Заев – Вметнување на Бугарите во Уставот пред пристапување во ЕУ

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Бугарите ќе бидат вметнати во македонскиот Устав, но пред самото пристапување во ЕУ. Тога се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.

„Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето“, истакна Заев.

На новинарско прашање дека доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, дали ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.

Во петокот вршителот на должност шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев изјави дека Министерството за надворешни работи би сакало Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата заедно со останатите наброени народи во него.