Претседателот на парламентот на Тунис седи пред собраниската зграда блокирана од војската

Тунис - Поддржувачи на претседателот на државата Каис Сајед

Претседателот на Парламентот на Тунис Рашед Гануши денеска седна пред собраниската зграда откако војската му забрани влез во објектот по одлуката на претседателот на државата Каис Сајед за замрзнување на работата на парламентот.

Неколку стотици приврзаници на Сајед се собраа пред парламентот, извикувајќи непријателски слогани против Енахде, главната партија во парламентот предводена од Гануши.

Поддржувачите на претседателот ги спречија поддржувачите на Гануши да се приближат до Парламентот. Гануши и неколкумина пратеници тргнаа кон Парламентот утринава во 3 часот, но не можеа да влезат во зградата која е блокирана од војската. Гануши и пратениците потоа седнаа пред Парламентот.

Претседателот на Тунис синоќа ги замрзна активностите на Парламентот на 30 дена, а таа одлука би можела да биде продолжена на неколку месеци. Сајед го смени премиерот Ишем Мешиши и рече дека тој ќе ја преземе неговата функција до именувањето на нов премиер.