Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ја достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на законот за изградба на автопати без тендер од страна на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Воедно, антикорупциската побарала времено стопирање на примената на законот додека судот не се произнесе.
Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) веќе е објавен во Службен весник.
ДКСК смета дека законот е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно.
Тие сметаат дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Антикорупциска смета дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализмот.
Пратениците овој Закон го донесоа во скратена постапка.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, по изгласувањето на законот во Собранието, го потпиша указот за негово прогласување, и покрај забелешките на Антикорупциската комисија.