Од над 330 илјади вакцинирани со две дози, со ковид се заразиле 96

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Само 96 луѓе во земјава се заразиле со ковид-19 иако имале примено втора доза вакцина, соопшти Министерството за здравство. Досега во Македонија вкупно 330.320 граѓани примени две дози вакцини, што значи дека само 0,02 проценти се заразиле со ковид. Тоа кажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат, велат од Министерството.

Од 96 те позитивни, 56 се заразиле во период помал од 21 ден од примената втора доза вакцина. Само 13 од заразените со ковид биле хоспитализирани. Двајца од нив во моментов се на лекување и се стабилни иако еден од нив е со тешко хронично заболување. Нема ниту еден починат пациент со ковид, а кој има примено две дози вакцина, соопштија од Министерството.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 487.975 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани, информираат денеска од Министерството за здравство.