Земјоделци од селата во општина Чешиново-Облешево, денеска излегоа на двочасовен предупредувачки протест. Тие со земјоделска механизација го блокираа сообраќајот и изградбата на експресниот пат Штип – Кочани.
Тие протестираат оти не добиле одговор од надлежните институции како ќе им се реши пристапот до нивните кои ќе останат отсечени откако ќе се изгради експресниот пат Штип – Кочани.
„Се работи за над две илјади хектари оризови површини до кои ние воопшто не можеме да дојдеме ни пеш, а уште помалку со земјоделската механизација. За два месеца ќе почне жетвата на оризот, ама не знаеме ниту од каде ќе влезат комбајните, ниту од каде ќе го изнесеме ожнеаното од нивите. Со изведбата на експресниот пат не е обезбедено никакво поврзување со постојните полски патишта што земјоделците ги користат со децении“, истакна Јоце Митров, земјоделец од Спанчево.
Земјоделците од селата Спанчево, Соколарци и Бања реагирале уште минатата година и се сретнале со претставници на изведувачот и на надзорот на градежните работи, но не се постигнало заедничко решение.
Градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстов им даде поддршка на барањата на своите сожители, и рече дека може да се најде решение на проблемот.
Земјоделците од трите села нагласија дека нема да се откажат од своите барања и дека ќе продолжат со блокирање на градежните работи, сѐ додека не добијат одговор од надлежните како и кога ќе им се обезбеди соодветен пристап до нивите.