Илјадници Унгарци се очекува да присуствуваат на годишната Прада на гордоста во Будимпешта во знак на поддршка на ЛГБТ заедницата и да протестираат против законот кој им забранува на училиштата да користат материјали за кои се смета дека ја промовираат хомосексуалноста.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година, се соочува со тешки избори наредната година во услови на зголемени економски тешкотии засилени од пандемијата на коронавирус.
Неговата десничарска влада ја засили својата кампања против ЛГБТ луѓето како дел од постојаните напори да се прикаже себеси како чувар на христијанските вредности од „западниот либерализам“. Дел од таа негова политика е и блокирањето на мигрантите да транзитираат низ неговата земја и затворањето на приватните либерални медиумски институции.
Европската комисија минатата недела започна правна постапка против Будимпешта поради новиот закон кој стапи во сила овој месец, и кој го смета за дискриминаторски и спротивен на европските вредности за толеранција и индивидуални слободи.
Организаторите на денешната парада ги повикаа поддржувачите да ѝ се спротивстават на омразата и на обидите на „политичарите гладни за власт“ да ги заплашат ЛГБТ луѓето.
Наместо да ги штити малцинствата, владата на Орбан ги користи законите да ги направи членовите на ЛГБТ заедницата отпадници во сопствената држава, наведуваат организаторите.