Премиерот Зоран Заев денеска од Охрид рече дека уривањето на дивоградбите во Охридскиот регион мора да се спроведува согласно законите и со запазување на предвидените постапки, најавувајќи дека процесот на отстранување на илегално изградените објекти на крајбрежјето на езерото ќе продолжи.
Дивоградбите беа една од причините наведени од УНЕСКО поради кои на Охридскиот регион му се заканува опасност да биде избришан од мапата на заштитено светско културно наследство.
УНЕСКО вчера предложи на Македонија и на Албанија да им се дадат дополнителни две години да постапуваат по препораките , за да се избегне одземањето на статусот.
Заев вели дека ќе се почитува каква и да биде конечната одлука на УНЕСКО.
„Сите знаеме дека Охрид ќе продолжи да се развива и мора да се развива. Не треба да биде запрен развојот на Охрид. Но, тоа мора да биде по план, така што максимална поддршка ни треба пред се од граѓаните. Не е ред светот да води грижа пред се за Охрид, ред е ние да водиме грижа дома и верувам дека ќе успееме“, истакна Заев.
За тоа дали доколку биде поместен регионот на Листата светски приодни и културни богатства во опасност ќе биде побарана одговорност од институциите што со своите постапувања или непостапувања дозволиле тоа да се случи, премиерот рече дека и одговорноста не може да се лоцира затоа што се работи за подолг временски процес.
Заев за процесот на уривање на дивоградбите вели дека воопшто не е лесен, оти постојат одредени судски решенија што го усложнуваат, но дека институциите на сите нивоа остануваат фокусирани на исполнување на предвидените постапки.
Премиерот Зоран Заев денеска беше во работна посета на Охрид каде со градоначалникот Константин Георгиески беа во обиколка на неколку локации каде се спроведуваат позначајни инфраструктурни и градежни зафати.