Предложено Охридскиот регион да добие 2 години рок да ги исполни препораките на УНЕСКО

Багер отстранува нелагално изграден објект на брегот на Охридското Езеро кај туристичкото место Лагадин. Градоначалникот на Охрид Георгиевски вели дека се посветени на имплементација на препораките на УНЕСКО.

Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина им предложи на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО да им дадат на Северна Македонија и на Албанија дополнителни две години да постапуваат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да избегнат поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

На заседанието на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина достави амандман за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност.

Босна и Херцеговина својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат Северна Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.

„Охридскиот регион опфаќа голема територија, што бара големи напори за негова заштита што е компликуван процес. Сметаме дека изминатите две години се забележан напредок во исполнувањето на препораките, а подобрена е и соработката на двете дражви во сите сферии. Обесхрабрувачки би било во овој миг да се стави регионот на листата светски наследства во опасност, наместо тоа потребна им е поддршка“, беше посочено од Националната комисија за соработка со УНЕСКО на БиХ.

Предлогот за измена на амандманите на одлуката на БиХ беше поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала. За поместување на Охридскиот регион на листата светски богатства во опасност се изјаснија националните комисии на УНЕСКО на Норвешка, Бахреин, Австралија, кои сметаат дека тоа дополнително ќе ги мотивира во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, посочи дека Северна Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО. Таа во кусoто обраќање пред учесниците на состанокот побара продолжување на роковите како би се овозможило натамошно делување и исполнување на обврските и во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство за генерациите.

Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) во ревидираните одлуки посочуваат дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Северна Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое се бара од УНЕСКО Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност. Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.