Во последните 24 часа се направени 3.569 тестирања, а регистрирани се 36 нови случаи на Ковид-19. Оздравени се 12 пациенти и нема починати лица. Досега во земјата се направени вкупно 944.747 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.017, бројката на оздравени пациенти е 150.263, на починати е 5.489, а бројот на активни случаи изнесува 265.
Од Министерството за здравство соопштија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, според соопштението, вакцинирани се вкупно 481.268 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 800.168 дози вакцини, а ревакцинирани се 318.900 граѓани.
Со последните бројки 62 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 59 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 54 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 44 проценти од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.