Димитров - Во следните шест месеци или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме

Архивска фотографија: Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров

На денешната средба на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ќе го покренеме и прашањето за пристапување и проширување на Унијата, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пред почетокот на неформалниот состанок на ГАК, што се одржува денеска под словенечко претседателство во Брдо кај Крањ.

„Во рамките на словенечкото претседателство во следните шест месеци ќе ја достигнеме оваа одлучувачка точка или ќе го обновиме кредибилитетот на ЕУ на Балканот или ќе го изгубиме. Сметаме на вештините и мудроста на нашите словенечки пријатели за да успееме“, рече Димитров.

Тој потенцира дека темата на средбата на ГАК е посветена кон изградба на поотпорна Европска унија по ковид-кризата.

Вицепремиерот Димитров вчера по пристигнувањето во Љубљана се сретна со државниот секретар во Министерството за надворешно работи на Словенија и актуелен претседавач со ГАК, Гашпер Довжан. Димитров вчера во Љубљана имаше средби и со летонскиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот државен секретар за европски прашања Мартин Клус.