Судот денеска ги прогласи за невини поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешниот командир на полициската единица „Алфа“ Ивица Анчевски и петмина припадници на едницата, кои беа обвинети во случајот Тортура за апсењето на политичарот Љубе Бошкоски.
Судечкиот совет на чело со судијката Александра Ристеска оцени дека обвинителот Љубомир Лапе не докажал надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делот мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Случајот се однесуваше на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори.
Ова е трета пресуда за Мијалков, но прва ослободителна. Тој претходно беше осуден на 12 години затвор во случајот Таргет-Тврдина за нелегалното прислушување, а во случајот Трезор за уништување на опремата за прислушување на 8 години затвор.