Статусот на Охридскиот регион на седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО

Античкиот театар во Охрид

Расправата за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО се очекува денеска да се најде на дневниот ред на годинешната 44. Сесија на Комитетот за светско наследство што се одржува во кинескиот град Фуџоу. Во нацрт-верзијата на одлуката се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.

Невладини организации бараат од УНЕСКО Охридскиот регион да стане светско наследство во опасност

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Северна Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое се бара од УНЕСКО Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност. Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.