Советот за безбедност на ОН не го усвои предлогот за резолуција со кој се повикува на итно укинување на овластувањата на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, објавија медиумите во БиХ. Нацрт-резолуцијата беше доставена од Русија и Кина. Текстот беше поддржан од две членки на Советот за безбедност, Русија и Кина, 13 беа воздржани, а ниту една земја не гласаше против. За текстот се потребни девет гласа од 15, без вето на една од петте постојани членки - САД, Франција, Британија, Русија и Кина. Русија претходно побара од Советот за безбедност да се гласа за нацрт-резолуцијата, со која се бара итно да се одземат овластувањата на високиот претставник во БиХ.
Русија и Кина предлагаат укинување на високиот претставник во БиХ
Во текстот се вели дека овластувањата дадени на високиот претставник на Конференцијата за имплементација на Дејтонските спогодби во 1997 година повеќе не се потребни заради напредокот што го постигнаа страните во БиХ. На 27 мај, амбасадорите на земјите-членки на Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ го назначија Кристијан Шмит за нов висок претставник, а Русија не се согласи со таа одлука, ниту пак Советот за безбедност на ОН гласаше за тоа. На 1 август Шмит треба да ја преземе функцијата од Валентин Инцко, кој се повлече од таа позиција по 12 години.