Русија повторно ги казни Фејсбук, Твитер и Телеграм за небришење „забранети“ содржини

Рускиот суд повторно ги казни американските социјални мрежи Фејсбук и Твитер и апликацијата за пораки Телеграм за небришење на содржини кои Москва ги смета за нелегални.
Судот денеска го казни Фејсбук со 6 милиони рубљи (81 илјади американски долари), Твитер со 5,5 милиони рубљи (74 илјади долари) и Телеграм со 11 милиони рубљи (148 илјади долари) за повеќе прекршочни пријави поднесени од надзорното тело за комуникации Роскомнадзор.

Москва тврди дека се труди да ги заузда западните технолошки гиганти и да го зајакне, како што вели, својот „суверенитет“ на интернет.

Многумина критичари велат дека власта се обидува да ги замолчи несогласувањата во пресрет на парламентарните избори кои треба да се одржат во септември, додека популарноста на владејачката партија Обединета Русија опаѓа.
Неколку социјални мрежи се во голем спор со властите кои велат дека објавите на нивните мрежи, меѓу другото, охрабрувале малолетници да учествуваат во недозволени протести во јануари, кога луѓето ширум земјата излегоа на улиците да го поддржат опозицискиот политичар и жесток критичар на Кремљ Алексеј Навални, откако беше затворен по, како што рече, измислени обвиненија.

Москва исто така бара од странски фирми да отворат претставништва во Русија и да ги чуваат личните податоци на Русите на руска територија.

Минатиот месец истиот суд го казни Фејсбук со 17 милиони рубљи (230 илјади долари), а Телеграм со 135 илјади долари за „административни прекршоци“, откако двете компании не избришаа содржина која се смета за забранета во Русија.
Твитер и американскиот технолошки гигант Гугл исто така и претходно беа казнети за слични прекршоци.

Роскомнадзор наложи забавување на сообраќајот на Твитер во март за објави кои според регулаторот содржеле детска порнографија и охрабрување на самоубиство кај младите, обвиненија кои компанијата ги отфрли како лажни.

Роскомнадзор делумно го повлече забавувањето во мај, но се закани дека може да го забавува сообраќајот на социјалните мрежи ако не сакаат да ја бришат забранетата содржина.