Отфрлен предлогот за разрешување на бугарскиот главен обвинител Гешев

Седница на Врховниот судски совет на Бугаријаза разрешувањето на главниот обвинител Гешев

Мнозинството во Пленумот на Врховниот судски совет на Бугарија одби да се произнесе за основаноста на предлогот да биде сменет главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев. Советот одржал повеќе од шестчасовна седница за предлогот поднесен од техничкиот министер за правда Јанаки Стоилов за предвремено разрешување на Гешев. Тие дискутирале за тоа дали министерот има право да иницира ваква дискусија. Потоа 12 члена од Советот гласале да се остави предлогот без разгледување, бидејќи тој е недопустлив. Осум члена на советот пак биле против таквата одлука.

На почетокот на седницата, министерот Јанаки Стоилов рече дека темата за разрешување на бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев е тест за членовите на Врховниот судски совет и нивната независност.

Бугарската привремена влада го обвини шефот на обвинителството Иван Гешев за злоупотреба на службена должност и бара негова смена. Привремениот министер за внатрешни работи Бојко Рашков го обвини Гешев за незаконско објавување на записници од прислушувани разговори.

За време на сослушувањето, Иван Гешев изјави дека нема да поднесе оставка од функцијата главен обвинител и додаде дека потегот против него е несоодветен и нелегален документ.

По седницата, техничкиот министер за правда на Бугарија коментираше дека прашањето за главниот обвинител Гешев ќе се префрли во Националното собрание. Гешев не одговори на новинарско прашање дали ќе го заврши до крај својот седумгодишен мандат.

Во текот на целиот ден пред зградата на Врховниот судски совет имаше протест на граѓанското движење „Борец“, кое презентираше петиција за смена на Иван Гашев.