Денеска започна судењето за случајот „Јавна соба“. Станува збор за судење на креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија. Основачот на групата има 32 години, а администраторот 22. За нив на 26 април беше поднесено обвинение.
Обвинителот Владимир Милошевски денеска рече дека двајцата обвинети со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.
Двајцата обвинети се во притвор. Адвокатите побараа притворот да им биде заменет со друга мерка, но Судот го одби тоа барање.
Првата група „Јавна соба“ на Телеграм згасна, но потоа беше формирана нова група со исто име, за која Обвинителство води предистражна постапка, но социјалната мрежа Телеграм не соработувала.
На обвинетите им се заканува минимум затворска казна од осум години.
Судењето треба да продолжи на 27 август.