Бесими за ребалансот - Здрави луѓе и здрава економија клучни цели

Министерот за финансии Фатмир Бесими во Собранието на седницата за предложениот ребаланс на Буџетот за 2021

Во Собранието, денеска, стартуваше општата расправа по дополнетиот ребаланс на Буџетот за годинава. Дополнетиот ребаланс ги содржи и осумте амандмани кои беа усвоени на Комисијата за финансирање и буџет. Расправата може да трае пет дена.

Владата ќе собере 100 милиони евра повеќе, а ќе потроши 300 милиони евра од првично планираното. Со Ребалансот е предвидено буџетската дупка да се зголеми за дополнителни речиси 200 милиони евра и да достигне 750 милиони евра. Кусокот пари во државната каса ќе се покрива со задолжувања дома и во странство.

Со ребалансот се предвидуваат повеќе пари за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го ребалансот на Буџетот пред пратениците рече дека здравјето на граѓаните, здравата економија, како и здрави финансии и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година.

Опозициската партија, ВМРО- ДПМНЕ, пак, смета дека со ребалансот граѓаните ќе бидат втурнати во уште поголема сиромаштија. Задолжувањето на земјата се зголемува, а економски раст нема, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата и со ребалансот очекува економскиот раст годинава да биде 4,1 отсто.