Кина го одби планот на Светската здравствена организација за понатамошна истрага за потеклото на коронавирусот. Кинескиот заменик министер за здравство Зенг Јиксин денеска рече дека тој е многу изненаден од предлогот бидејќи се фокусира на наводни прекршувања на кинеските лабораториски протоколи. Тој додаде дека предлогот е политизиран и дека е невозможно Кина да ги прифати условите.
СЗО единствено беше во можност лани во јануари да испрати тим експерти во Вухан, кинескиот град во кој првпат беше детектиран коронавирусот во декември 2019 година. Тие заклучија дека многу малку веројатно е дека коронавирусот излегол од лабораторија, но дека таа теорија опстојува.
Претходно месецов првиот човек на СЗО Тедрос Аданом Гебрејезус предложи втора фаза од истрагата меѓу кои ревизии на научно истражувачките институции во областа каде што вирусот е првпат детектиран. На прес конференцијата Зенг,пак, рече дека предлогот покажувал непочитување на здравиот разум и ароганција кон науката.
Повеќе од 4 милиони луѓе починаа од почетокот на ковид пандемијата досега, а СЗО се соочува со силен меѓународен притисок за понатамошна истрага за потеклото на вирусот.