Локални избори на 17 октомври, прифатлив датум и за Заев

Гласање во Дебар

Премиерот Зоран Заев вели дека СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде и 17 октомври, како што бара опозицијата, ако за тоа се договорат сите партии. Предлогот, изборите да се одржат на 31 октомври, како што рече, го дал само поради поклопување на термините за кампањата со терминот за одржување на пописот на населението.

„За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври се поклопува кампањата со пописот, и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат ние сме согласни. Следниот викенд е 24-ти и 31-ви, тие се опциите за октомври“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по промоција на комлексот Планет.

Премиерот Заев нагласи дека одржувањето на изборите по 17 октомври не е противуставно и оти факт за тоа што одложување или пролонгирање на изборите се случило во 2004, 2005 година и во 2017 година.

Премиерот во вторникот рече дека предлага локалните избори да се одржат на 31 октомври, на што реагираа од ВМРО-ДПМНЕ наведувајќи дека според Уставот мандатот на градоначалниците истекува пред 31 октомври и дека согласно со него локалните избори треба да се одржат до средината на месец октомври.

Подоцна од опозициската партија рекоа дека изборите би требало да се одржат на 17 октомври, а од ДУИ, пак, соопштија дека за нив е прифатлив кој било датум за кој ќе се договорат партиите.