Белоруското министерство за правда се обидува да ја затвори водечката новинарска асоцијација во земјата во период во кој во таа земја се спроведува интензивна акција против медиумите и граѓанското општество. Министерството за правда вчера побара од Врховниот суд да ја затвори Белоруската асоцијација на новинари поради „повторени прекршувања на законот“. Барањето доаѓа ден откако властите ги замрзнаа сите сметки на асоцијацијата што, пак, следуваше по полицискиот упад во нивните канцеларии минатата недела.
“Очигледно е дека ова е брутална кампања против организацијата“, рече извршниот претседател на организацијата Барис Харецки.
Министерството за правда ја обвинува новинарската асоцијација дека не ги доставила сите побарани документи, најголем дел од нив поврзани со договорите за наем на нивните канцелариите. Од асоцијацијата, пак, велат дека им биле дадени само неколку дена да ги предадат документите, а дека не можеле да ги соберат поради тоа што нивните канцеларии беа затворени поради полицискиот упад.
Обидите за затворање на организацијата доаѓаат во време кога белоруските власти спроведуваат кампања против независните медиуми. Од Белоруската асоцијација на новинари велат дека во последните недели властите спровеле 66 пребарувања во медиумските организации и во домови на новинари, додека 32 новинари се притвор, чекаат судење, или издржуваат затворски казни.