Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ поднесе писмо до Комитетот за светско наследство, поддржано од 18 македонски и 15 албански организации, со апел за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност, информираа денеска од „Фронт 21/42“ .
„Триесет и четири организации од двете страни на светското наследство се длабоко загрижени за состојбата на Охридскиот Регион, која не е последица на војна или природна катастрофа, најчестите причини за уништени вредности и прогласување на светски наследства во опасност - туку директен резултат на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави“, наведуваат од организацијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од „Фронт 21/42“ наведуваат дека алармот во 2019 година не ги разбудил владите во двете земји, а дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постоечките закони, чекори кон реализација на плановите за Коридор 8 без никаква анализа на алтернативни рути.
„Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 година и сите неспроведени, а неопходни активности (како проценка на влијанието врз животната средина на дивоградбите и рушење на објектите со негативно влијание) недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и сите идни генерации“, реагираат од организацијата.
Инаку УНЕСКО од 2017 година бара нелегалните градби на брегот на Охридското Езеро да бидат отстранети, а општините да стават мораториум на било каква урбана трансформација во Охридскиот регион. Ова се само две препораки кои се повторени и во последниот извештај на Реактивната мисија од јануари 2020 година. Во него јасно е наведено дека доколку не бидат исполнети сите 19 препораки препораки, Охридскиот регион ќе биде ставен на листата Светско природно и културно наследство во опасност.
УНЕСКО вчера го избриша Ливерпул од листата на светско наследство поради преголемиот развој кој влијае на автентичноста на ова англиско пристаниште. Ливерпул е трета локација која ја снајде ваква судбина.
Прво од листата на УНЕСКО беше тргнато живеалиштето на антилопите арабиски орикс во Оман во 2007 година, поради одлуката на власти на 90 отсто од заштитената територија да дозволи истражување за нафта.
Втора избришана локација од листата е долината на Елба во Германија во 2009 година, откако преку реката беше изграден модерен мост од четири сообраќајни ленти.