Бизнисменот Јордан Камчев, кој е во притвор, поради лоша здравствена состојба со возило на брзата помош утрово е пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје. Откако му била стабилизирана состојбата тој бил вратен во КПУ затвор Скопје во Шутка, каде што ја издржува мерката притвор.
Камчев им се пожалил на своите бранители дека не се чувствува добро. Од адвокатскиот тим на Камчев, соопштија дека тој вчера се пожалил дека има гушење, голема главоболка и се чувствувал многу лошо. Бидејќи во затворот немало дежурен лекар, била викната брза помош, констатирано било дека има зголемен крвен притисок и на Камчев му била дадена соодветна, моментална терапија, соопштија дел од правната одбрана на Камчев, кои денеска биле во посета.
Во соопштението од правниот тим се наведува дека неколкупати како одбрана реагираат на сериозно влошената здравствена состојба на Јордан Камчев, што, како што стои во соопштението, очигледно продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика.
Адвокатите соопштуваат дека Камчев има проблеми со срцето, за што од својата 15-та година прима соодветна терапија. Камчев пред десетина дена поради влошување на состојбата пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје.
„Сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни, релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот“, соопштија адвокатите на Камчев.
Бизнисменот е во притвор за случајот „Плацеви на Водно“, со обвинение дека перел пари.