Никола Тесла ќе биде претставен на хрватските евра

Портрет на научникот Никола Тесла во музејот на Тесла во Белград

Комисијата за пари на Хрватската народна банка (ХНБ) денеска го утврди конечниот предлог за мотиви на идните хрватски кованици на евра, на кои ќе ги има шаховницата, картата на Хрватска, куната, глаголицата и Никола Тесла. Никола Тесла дојде на листата врз основа на интернет анкета и од листата со пет предложени мотиви го истисна Дубровник.

Во соопштението од владата се наведува дека станува збор за конечен предлог кој ќе биде разгледан од Националното собрание за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска, а владата ќе донесе заклучок.

Шаховницата како мотив ќе биде заедничка подлога на сите монети. На кованицата од 2 евра ќе биде прикажана картата на Хрватска, на едно евро ќе има куна, на 50, 20 и на 10 центи ќе биде Никола Тесла, а на еден, два и пет центи ќе се најде мотив од глаголицата.

За мотивите имаше интернет анкета, а беше спроведено и теренско истражување врз примерок од 1000 граѓани.

На граѓаните им беа предложени шаховница, географската карта на Хрватска, куна, глаголицата и Дубровник, но можеа да предложат еден дополнителен мотив, кој најдобро би ја прикажал Хрватска.

Во анкетата учествуваа скоро 50 илјади граѓани. Имаше над 11 илјади дополнителни предлози, меѓу кои доминираше Никола Тесла кој го предложиле 2599 граѓани.

ХНБ на почетокот на август ќе распише конкурс за идејно решение, а графички обликуваните мотиви во октомври ќе бидат испратени до Европската комисија и Советот на ЕУ, односно до сите членки на еврозоната.

Изработката на хрватските кованици треба да почне најрано шест месеци пред воведувањето на еврото.

Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека ќе направи сè за да се создадат услови за влез во еврозоната во 2023 година.