Унгарскиот премиер Виктор Орбан најави планови за референдум за прашања поврзани со заштитата на децата со цел да се утврди поддршката за контроверзниот закон за кој Европската Унија и активистите сметаат дека се дискриминаторски кон ЛГБТ луѓето, пренесува унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
На видео објавено денеска на Фејсбук, Орбан ја обвини Европската Комисија за злоупотреба на надлежностите со оспорувањето на неодамна усвоениот унгарски закон со кој се забранува промоција на хомосексуалноста и промена на полот на малолетници.
Орбан го објави видеото откако Европската Комисија минатата недела започна правна постапка против Будимпешта во врска со амандманите со кои, меѓу другото, се забранува училиштата да користат материјали за кои се смета дека ја промовираат хомосексуалноста.
„Иднината на нашите деца е во прашање, затоа не можеме да попуштиме на ова прашање“, напиша тој во објава на Фејсбук.
Орбан не прецизира кога ќе се одржи планираниот референдум, но рече дека ќе опфати пет прашања, вклучително и „Дали го поддржувате одржувањето на часови за сексуална ориентација за малолетници во јавно образование без согласност на родителите?“ и „Дали ја поддржувате промоцијата на третман за промена на полот кај малолетници? "
- ЕУ ја одложува помошта за Унгарија поради заостанување на правната држава
- ЕУ со закани кон Унгарија поради контроверзниот „анти-ЛГБТ“ закон
Официјалните претставници на ЕУ не ги коментираа забелешките на Орбан. Правната постапка која Брисел ја почна на 15 јули во врска со законот што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го нарече „срамота“ може да го запре финансирањето од ЕУ за Будимпешта.
Контроверзниот закон, кој стапи на сила на почетокот на јули, предизвика остри критики меѓу лидерите на ЕУ и ЛГБТ заедницата и активисти за човекови права, кои сметаат дека тоа е напад врз правата на ЛГБТ со стигматизација на сексуалните малцинства и гушење на дискурсот за сексуална ориентација.