Апелационен суд Скопје како неосновани ги одби жалбите на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет“ и ја потврди првостепената пресуда.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје и обвинетата Катица Јанева од Скопје, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди. Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, информираат од Апелационен суд Скопје.
Во мај адвокатите на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е осудена од првостепениот суд на седум години затвор од Апелациониот суд побараа да биде укината пресудата и случајот да биде вратен на повторно судење. Адвокатот Дељо Кадиев, образложувајќи ја жалбата, рече дека има голем број суштествени повреди на постапката за овој случај и затоа една третина од жалбата се однесува на тоа.
Претходно и адвокатот на Бојан Јовановски, осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“ побара од Апелациониот суд да биде укината пресудата и случајот да биде вратен на повторно судење поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба.
Јанева за случајот „Рекет“ од Основниот кривичен суд е осудена на казна затвор од седум години за „примање награда за противзаконито влијание“ и „злоупотреба на службена положба и овластување, а Јовановски казната од девет години ја доби за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.