Влада: Со новиот закон се допрецизира употребата на канабис

илустрација

Во Казнениот законик е дозволена и не е казнива употребата на канабис за лична употреба, но политика на Владата е да се прави измена и да се допрецизира и тоа јасно да се направи во Казнениот законик за да нема ситуации како што имавме, појасни денеска на прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски во врска со утврдениот текст на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, кој, според него, е усогласен со повеќе меѓународни акти.

Според Арсовски, со предлог на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко, притоа почитувајќи ги меѓународните конвенции и европското законодавство што ја регулира материјата.

Една од новините во Предлог-законот за опојни дроги е формирање Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели.

Новина е и обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10 отсто од нето-добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Северна Македонија кои средства ќе бидат наменети за поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.

Претходно Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој закон е скандалозен, не само заради европското знаменце, туку и заради тоа што „премиерот ја приватизира Владата за носење на закони кои значат бизнис профит за неговото потесно семејство“.

„Затоа сметаме дека со ваквиот предлог закон само ќе има зголемен профит за фирмите „МАМ“ Свети Николе и за фирмата „Фарма Медикал“ од Валандово коишто се во директна сопственост на блиската фамилија на Заев. Тоа значи дека во Македонија ќе почнат да владеат картели, младината ќе стане се поподложна на психотропни супстанции, врз младите ќе прават профит овие фамилијарни блиски пријатели на Заев“, изјави Милошоски.