Проблематизирањето на македонскиот јазик не е во согласност со вредностите за кои се залага Европа како континент, каде што се негуваат јазичната и културната разновидност и каде што сите народи се третираат достоинствено и со почит, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за „Еуроњуз“.
„Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство и за европското ветување кон регионот и за Северна Македонија. Но, тука има едно „ако“, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности“, вели Димитров во интервјуто во кое зборува за предизвиците и пречките на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.
Според него, тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континентот. Димитров нагласува дека ветото на Бугарија за отворање на пристапни преговори на земјава со ЕУ оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.
- Словенија ќе го турка португалскиот предлог за македонско - бугарскиот спор
- Сите македонски датуми за ЕУ
Тој потенцира дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.
Според вицепремиерот, сепак и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите на земјава за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување на одредени позиции од кои нема отстапување.