Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ) е револтирана од извештаите дека над 180 новинари - вклучително и на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа наводно биле мета на софистициран шпионски софтвер од воена класа.
„Таргетирањето на приватни разговори на новинари е неприфатливо на кој било начин. Оваа злоупотреба мора да престане, а новинарите мора да бидат заштитени“, изјави вршителката на должност извршен директор на Агенцијата за глобални медиуми, Келу Чао.
Истрагата на медиумскиот конзорциум наречен проект „Пегаз“ откри дека шпионски софтвер наменет за владите да ги следат терористичките активности бил користен во обид за хакирање на паметни телефони на новинари, активисти за човекови права, директори и владини службеници.
- Шефови на држави - цел на израелскиот шпионски софтвер Пегаз
- Американската служба за безбедност шпионирала европски политичари со помош на Данска
Алатката за шпионирање, наречена Пегаз, е развиена од израелската компанија НСО Груп. Вашингтон пост, кој е дел од конзорциумот, објави дека неколкумина новинари од Гласот на Америка биле меѓу прислушуваните новинари. Во новиот извештај од Проектот за известување за организиран криминал и корупција, кој исто така е дел од конзорциумот, се вели дека азербејџанската влада го користи софтверот „Пегаз“ за да шпионира стотици локални активисти и новинари, вклучувајќи петмина сегашни и поранешни дописници на РСЕ. Меѓу нив е и Хадија Исмаилова, поранешен шеф на бирото на РСЕ во Баку и една од најистакнатите истражувачки новинари во земјата.
Истрагата ја координираше непрофитна организација „Забранети приказни“, со седиште во Париз, со техничка поддршка на безбедносната лабораторија на Амнести Интернешнл.