Тим на црногорската царина за спречување на криумчарењето во соработка со полицијата ќе изврши претрес на сите хангари на магицините за складирање цигари во пристаништето во Бар во Црна Гора, потврди за Радио Слободна Европа Радован Џуришиќ, раководител на Основното јавно обвинителство во тој град. Надлежниот суд пак на барање на обвинителството издаде наредба за земање на снимките од видео надзорот на одредени објекти на пристаништето.
До ова доаѓа по кражбата на повеќе од тон цигари од магацин за што црногорското обвинителство информираше на десети јули. Како што тогаш се соопшти цигарите биле во сопственост на фирмите Аурора и Атлант Монт од Бар.
Кражбата на цигари од пристаништето беше откриена една недела откако црногорската влада најави почеток на законска постапка за забрана на складирањето на тутунски производи во пристаништето во Бар. Таа постапка е дел од мерките за спречување на шверцот на цигари по кои токму тоа пристаниште е познато уште од деведесетите години на минатиот век.