Спасовски - Сериозно зголемување на барањата за лични документи

Илустрација - Пасоши

Речиси 42 илјади барања за лични документи биле поднесени само за 10 дена, од 5 до 14 јули, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој вели дека има сериозно зголемување на бројот на барања за издавање лични документи, но дека има доволно обрасци за сите.

Службите се добро организирани и работат и секој граѓанин ќе добие личен документ за кој има потреба, изјави денеска Спасовски за МТВ.

„За една недела имаме барања колку што сме издавале документи во целиот јуни, а некаде и околу три илјади повици дневно за барања за издавање лични документи и околу илјада преку електронскиот пристап за закажување термин“, изјави министерот.

Спасовски информира дека во јуни се издадени 42 илјади патни исправи, околу 20 илјади лични карти и околу 10 илјади возачки дозволи, а тоа е, како што рече, речиси двојно зголемување од тоа што е нормално во летниот период и се издавале во земјава.

Министерството за внатрешни работи минатиот месец на два пати, заради надградба и миграција на системот, правеше пауза во издавањето на лични документи, што предизвика гужви пред одделенијата каде тие се издаваат.