Премиерот Зоран Заев до крајот на неделата треба да се види со коалицискиот партнер Али Ахмети за да разговараат за можен коалициски настап на претстојните локални избори. Заев денеска изјави дека такви средби веќе имал со лидерите на ДПА и на Беса, Мендух Тачи и Билал Касами. Тој вели дека е потврдено дека меѓусебно ќе си помагаат на изборите.
Сепак, додаде, локалните избори се поразлични од парламентарните и многу зависи од кандидатите.
На прашањето кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, Беса или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.
„СДСМ ќе го поддржи СДСМ. Ги имаме трите коалициски партнери. Таму имаме тројца коалициски партнери кои сигурно настапуваат со свои кандидати. Нашето општинско раководство вели дека треба и ние да настапиме. Логично е да одиме со наш кандидат, секој да оди со свој кандидат за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од владејачките партии“, изјави Заев.
На централно ниво Заев е во коалиција со ДУИ, Беса и ДПА.
Премиерот рече дека се предлага локалните избори да се одржат на 31 октомври за да не се совпадне со кампањата со Пописот. Заев информираше и дека е постигнат договор меѓу поголемите партии за отворените листи.
„Не е тоа официјализирано зашто ќе биде официјално кога барателите, а тоа се малите политички партии, ќе бидат задоволни со ваквото унапредување на демократските модели. Предлогот е да има најмалку праг од три проценти. Кога би биле 16.000 избирачи, три отсто е околу 500. Тогаш, таа преференца ќе го качува кандидатот погоре на листата. Малите партии имаат резерва, викаат – ќе видиме дали е тоа фер и правично за нас. Сепак се помали, нивните гласови се дисперзирани“, објасни Заев.