Турција бара поддршка од САД за аеродромот во Кабул

Авганистан - Аеродромот во Кабул

Турција побара од САД финансиска, логистичка и дипломатска поддршка, за да може да го обезбедува и да управува со аеродромот во Кабул, откако меѓународните трупи ќе го завршат повлекувањето од Авганистан, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган, за време на денешната посета на северен Кипар, рече дека и покрај противењето на талибанците, Турција може да ја извршува мисијата, доколку има поддршка од Вашингтон.

„Ако овие услови може да бидат исполнети, размислуваме да го преземеме управувањето со аеродромот во Кабул“, рече Ердоган.

Освен дипломатска и логистичка поддршка, бидејќи има финансиски и административни трошоци, Ердоган се надева и на поддршка во тој поглед.

Понудата на Ердоган да управува и да го чува аеродромот доаѓа во време на голема офанзива на талибанците ширум Авганистан, додека меѓународните сили предводени од САД се повлекуваат од земјата. Тие треба да се повлечат до 31 август.

Турција има стотици војници во Авганистан.

Талибанците ја осудија понудата на Ердоган за кабулскиот аеродром и се изјаснија против.

Вчера Ердоган ги повика талибанците „да ја прекинат окупацијата“ на Авганистан и муслиманите да се помират меѓу себе.