Владата предлага закон со кој се дозволува извоз на марихуана

илустрација

Македонската владата го одобри Предлог-законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанции, што треба да овозможи извоз на сушен цвет на канабис. Предлогот овозможува извоз на цветот добиен со одгледување канабис за медицински цели, дозволувајќи им на производителите на канабис да пласираат веќе произведени количини сув производ како наркотична дрога на пазарите во Европа и пошироко. Посочено е дека извозот од Северна Македонија ќе се изврши во согласност со меѓународните конвенции и европското законодавство, со кое се регулира оваа материја.

Легалната марихуана завршува на нелегалниот пазар

Една од новините во предложеното законско решение е формирање на Агенција за контрола на одгледување и екстракција на канабис и производство на канабис и препарати од канабис за медицински и научни цели. Решенијата во Предлог законот за наркотични дроги, посочува владата на Зоран Заев, покрај тоа што се усогласени со правото на ЕУ и меѓународните акти, содржат и свои национални решенија кои се во функција на регулирање и соодветна практична примена.

Случај марихуана - многу прашања, малку одговори

Предлагачот на законот наведува дека друга новина е воведувањето на обврската компаниите со дозвола за одгледување канабис за медицински цели да плаќаат 10 проценти од нето добивката на посебна сметка во државниот буџет. Парите ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес, како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на медиумскиот фонд, како и програмски приоритети во спортот, културата и граѓанскиот сектор. Во Северна Македонија, производството и продажбата на производи од канабис за медицински цели е дозволено со закон од 2016 година.