Мерки и хакери

УКРАИНА - Нерезидентна зграда во градот Лвов, во Украина, се урнала денеска. Според официјалните лица, има и жртви.

СРБИЈА - По новата рунда дијалог во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека средбата била лоша и дека разговорот бил многу непријатен бидејќи суштината на изјавата на албанската страна била дека Србија е виновна за три геноциди во Косово. Вучиќ кажа дека Србија ги прифатила сите три точки од предлогот на ЕУ за разговори, но дека Приштина не сакала да прифати ниту една, пренесе Н1.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / САД / ЕУ - Велика Британија, Соединетите Држави и Европската Унија ја обвинија Кина за голем сајбер напад насочен кон серверите на Мајкрософт Ексчејнџ на почетокот на оваа година. Во нападот биле опфатени преку четири милиони сервери, пренесува Би-Би-Си.

ЕУ - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Прага изјави дека е апсолутно неприфатливо властите или тајните служби да го користат израелскиот софтвер „пегаз“ за да шпионираат новинари или активисти на невладини организации.

АЛБАНИЈА - Албанскиот комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19, одлучи да го продолжи времето за музика во угостителските објекти до 23:00 часот, додека полицискиот час и другите мерки остануваат непроменети.

САД - Администрацијата на Џо Бајден премести еден од затворениците во американскиот воен затвор во заливот Гвантанамо, што е прв ваков потег откако тој ја презеде функцијата.

МАКЕДОНИЈА - Комисијата за заразни болести на денешната седница оцени дека епидемиолошката состојба во земјава поврзана со коронавирусот е стабилна и оти засега нема потреба од нови дополнителни рестриктивни мерки.

ПАКИСТАН - Пакистанските власти денеска соопштија дека при сообраќајна незгода загинале најмалку 28 луѓе, а повредени се 40. Станува збор за судар на патнички автобус со камион во провинцијата Пенџаб. Голем дел од загинатите и повредените се работници кои работеле во индустрискиот град во таа провинција и кои се враќале дома за да го прослават претстојниот муслимански празник Курбан Бајрам.

ТУРЦИЈА - Турција ја осуди одлуката на Европскиот суд за правдата дека работодавците можат да им забранат на своите вработени да носат верски симболи на видливи места.