Вучиќ по дијалогот: Лоша средба во Брисел

српскиот претседател Александар Вучиќ

По новата рунда дијалог во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека средбата била лоша и дека разговорот бил многу непријатен бидејќи суштината на изјавата на албанската страна била дека Србија е виновна за три геноциди во Косово. Вучиќ кажа дека Србија ги прифатила сите три точки од предлогот на ЕУ за разговори, но дека Приштина не сакала да прифати ниту една, пренесе Н1.

Во Брисел денеска се одржа трилатерална средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Косово, Албин Курти и посредникот на ЕУ во дијалогот меѓу Белград и Приштина, Жосеп Борел и Мирослав Лајчак.

Како што пренесе РТС косовскиот премиер Албин Курти ја обвинил Србија за три геноциди, на што остро одговорил претседателот на Србија, Александар Вучиќ кој презентирал список со 80 етнички и религиозно мотивирани напади врз Србите од почетокот на годинава, како и фотографии и детален опис на сè што се случило од почетокот на годината.

Тема на состанокот требаше да биде формирање на Заедницата на српски општини и исчезнатите лица. Вучиќ, исто така, кажа дека е особено загрижен што делегацијата од Приштина, предводена од Курти, не ја прифатила втората точка од предлогот – која гласи „дека двете страни се воздржуваат од активности што можат да ја дестабилизираат ситуацијата на теренот“.

„Не можевме да се договориме за ништо. Последен пат кога бевме во Брисел, сметав дека е невозможно да имаме полоша средба, денес се убедив дека тоа е можно“, кажа Вучиќ пред новинарите, потенцирајќи дека делегациите добиле предлози на ЕУ кои биле усогласени со главните преговарачи.

Тој оцени да „очигледно дека некои не сакаат никаков разговор и оти сè се сведува на една иста работа, односно некој да ја принуди Србија да го признае Косово и тоа е тоа“.

Тој ја критикуваше тенденцијата постојано да се инсистира на датуми поврзани со дијалогот за Косово и да е поважна суштината, а не датумот и дека е поразително што приштинската делегација не сакала да разговара за предложените три точки.