Останува полицискиот час во Албанија

Албанскиот комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19, одлучи да го продолжи времето за музика во угостителските објекти до 23:00 часот, додека полицискиот час и другите мерки остануваат непроменети.

Претседателката на комитетот и заменик-министерка за здравство, Мира Ракацоли изјави дека епидемиолошка состојба во земјата е стабилна во „време кога туризмот започнал нормално“, но сепак не може да се согласат со барањето на угостителите да се дозволи музика до полноќ.

„Комитетот на експерти, врз основа на податоците за епидемиолошката состојба, врз основа на континуитетот на процесот на вакцинација и масовната вакцинација, одлучи да се дозволи музика во угостителските објекти до 23:00, што значи час повеќе. Другите мерки, како што е полицискиот час од полноќ до 6 часот и одржување настани, со 30 отсто пополнетост од капацитетите, остануваат и понатаму во сила“, изјави Ракацоли.

Таа упати апел до граѓаните да се вакцинираат, за што, како што рече, од денес вакцината е поблиску до нив, бидејќи почна теренската вакцинација насловена „од врата до врата“, како и отворените денови за вакцинација на лицата над 18 години.

Според денешните податоци на Mинистерството за здравство регистрирани се 11 новозаразени, од направени 3.439 тестови, починати нема, 7 лица се оздравени, додека болнички се третираат 6 пациенти, од вкупно активните 160.