Јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ соопшти дека нема да емитува реклами на темата Олимпијада на јапонските телевизии за време на игрите во Токио. Тоа ќе претставува економски голем удар за настанот кој веќе е под закана од влијанието на пандемијата на коронавирусот.
Оваа одлука на еден од најголемите спонзори на Олимписките игри во Токио доаѓа на само четири дена пред почетокот на игрите во ситуација на зголемена загриженост од наплив на нови случаи на заразени со ковид-19. Дел од спортистите од висок профил веќе се повлекоа и нема да учествуваат, некои поради позитивен тест, некои поради страв од пандемијата одлучија годинава да ја прескокнат Олимпијадата.
Олимписките игри во Токио требаше да се одржат минатата година, но беа одложени за оваа поради пораст на заразени во пандемијата со ковид-19. Во Токио и неколку други градови е прогласена вонредна состојба поради ширењето на нови инфекции со коронавирусот.
„Постојат многу проблеми со Олимписките игри кои се покажаа како тешко разбирливи“, изјави генералниот директор за комуникации во Тојота, Јан Нагата.
Олимпиското спонзорство има за цел искористување на Олимписките игри за подобрување на брендот на глобално ниво. Но, некои сметаат дека секое рекламно поврзување со Олимпијадата во ерата на пандемијата може да биде потенцијален маркетиншки проблем.
Тојота потпиша 8 годишен договор за спонзорирање на Олимписките игри во светот во 2015 година за кој во медиумите беше објавено дека е вреден речиси една милијарда долари.
- Првите позитивни тестови на атлетичари пред почетокот на Олимписките игри
- Ѓоковиќ потврди дека ќе учествува на Олимписките игри во Токио
- Вонредна состојба во Јапонија на две недели пред Олимписките игри
До сега неколку атлетичари во јавност соопштија дека се позитивни на ковид-19 и дека поради карантин ќе мора да ги пропуштат дел од натпреварите.