Комисијата за заразни болести на денешната седница оцени дека епидемиолошката состојба во земјава поврзана со коронавирусот е стабилна и оти засега нема потреба од нови дополнителни рестриктивни мерки.
„И покрај бројот на активни случаи и позитивни од тестирани за Ковид-19, состојбата е стабилна, а во болниците нема притисок од хоспитализации. Комисијата за заразни болести во моментов останува на досега прпорачаните мерки, кои би се заостриле во моментот кога ќе се укаже таква потреба,“ соопшти денеска Министерството за здравство.
Комисијата констатирала дека лесно зголемување на позитивни од тестирани за Ковид-19 има во Скопје и Тетово. Според анализите на Комисијата во Тетово, ширењето на вирусот е поради непочитување на препораките и протоколите при организирање семејни веселби и друг тип веселби во затворен простор.
Министерството за здравство апелира граѓаните да се придржуваат кон препораките за заштита и спречување на ширење на вирусот Ковид 19.