РСЕ го осудува приведувањето на уште еден свој дописник во Минск

Приведениот белоруски дописник на РСЕ Алеш Дашчински

Радио Слободна Европа силно го осудува притворањето на дописникот на белорускиот сервис Алеш Дашчински во Минск. Роднините на Дашчински за РСЕ изјавија дека полицијата го привела вчера откако извршила претрес во неговиот стан во Минск и му биле одземени компјутерот, телефонот, неколку мемориски картички и банкарската картичка.

Претходно властите му ја одземаа неговата новинарска акредитација во октомври минатата година, како дел од пресметката на авторитарниот владетел Александар Лукашенко против неистомислениците и слободните медиуми.

Притворот на Дашински се поклопува со рацијата на полицијата во редакциите и домовите на неколку независни новинари во Белорусија, вклучувајќи ги и претресите во канцелариите на РСЕ во Минск. Рациите резултираа со притвори на неколку лица меѓу кои и двајца дописници на РСЕ чии акредитации властите ги поништија во октомври. Станува збор за дописниците Алех Хрузџилович и Ина Стуџинскаха.

„Апсењето на дописникот на РСЕ Алеш Дешчински како и претходното приведување на неговите колеги Хрузџилович и Стуџинскаха, но и на многу други независни белоруски новинари е последното сведоштво за очајот на Лукашенко. Овие континуирани напади врз новинари кои известуваат во интерес на јавноста нема да ја сокријат вистината за она што се случува во Белорусија. Алеш и неговите колеги треба веднаш да бидат ослободени, “ изјави претседателот на РСЕ Џејми Флај.

Белоруските власти во изминатиов период се посветија на затворање на критичките и недржавни медиуми и невладини организации кои се занимаваат со заштита на човекови права во пресрет на масовните протести по спорните претседателски избори.

Опозицијата и западните земји тврдат дека на тие избори победничка е лидерката на опозицијата Свјетлана Циханускаја, и го обвинуваа Лукашенко за фалсификување на изборниот резултат. Лукашенко по тие избори по шести пат е претседател на Белорусија.

Белоруските власти ги задушија масовните протести со приведување на илјадници демонстранти и принудувајќи ги опозициските лидери да ја напуштат земјата.

Западните земји одбија да ги признаат официјалните резултати и сметат дека Лукашенко не е легитимен лидер на Белорусија и против него, неговото семејство и дел од функционерите беа покренати санкции.