Бугарската привремена влада бара оставка од обвинителот Гешев

Бугарскиот шеф на обвинителството Иван Гешев

Бугарската привремена влада го обвини шефот на обвинителството Иван Гешев за злоупотреба на службена должност и бара негова смена. Во интервју за радиото БНР привремениот министер за внатрешни работи Бојко Рашков го обвини Гешев за незаконско објавување на записници од прислушувани разговори.

Рашков изјави дека тоа што го сторил Гешев се смета за кривично дело и според Кривичниот законик се предвидува затворска казна. Гешев во 2020 година објави во медиумите два транскрипта од прислушувани разговори од кои во еден од нив учествува претседателот Румен Радев.

Коментарите со кои Рашков го обвинува Гешев доаѓаат во период кога привремената влада на Бугарија ги проверува активностите во изминативе 12 години на претходната влада под водство на поранешниот премиер Бојко Борисов.

Привремената Владата беше назначена во мај годинава од претседателот Радев, противник на Борисов, по неизвесните парламентарни избори во април. Новите избори кои се оддржаа на 11 јули, завршија со тесно водство на партијата „Има таков народ“, со што повторно постои неизвесност околу формирање на влада, со што се отвори пат привремена влада да остане на власт и неколку месеци.

Привремената влада веќе ја обвини поранешната влада на ГЕРБ за лошо управување на јавните набавки и злоупотреби од милијарда долари.

Обвинителот Гешев во јавноста се смета за близок соработник на Борисов. Рашков вчера го објави својот извештај за Гешев во кој го обвинува за злоупотреба на службена должност. Извештајот со кој се бара смена на Гешев е доставен до министерството за правда. Привремениот премиер Стефан Јанев и претседателот Радев го поддржаа потегот на Рашков.

Сега на потег е Врховниот судски совет кој ќе треба да одлучува за таквото барање, односно дали да биде сменет од функцијата Гешев. Освен за злоупотреба на службена должност опозицијата го обвинува Гешев и за политички притисоци и влијание врз сведоци. Лани илјадници луѓе на протести бараа оставка од Гешев и Борисов.