Целосно имунизирани се 272 129 македонски граѓани

Утре ќе почне вакцинирањето со „Фајзер“ на децата од 12 до 17 кои се веќе пријавени на веб страницата vakcinacija.mk. Според податоците на Министерството за здравство до денеска се пријавени речиси 1800 деца. Единствено за нив вакцинирањето е со закажан термин, за возрасните повеќе не е потребно пријавување.

Со теренската вакцинација која почна минатата седмица во населени места и во рурални средини, регионалните вакцинални пунктови во неколку градови почнуваат да се затвораат.

Според последните податоци од Министерството за здравство, заклучно со петокот вакцина примиле вкупно 453 773 граѓани, а целосно имунизирани односно со двете дози се 272 129.

Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат што помасовно за да се надмине епидемијата со вирусот, напомнувајќи дека во Европа и светот веќе се воведуваат ограничувања за невакцинираните граѓани, така што за влез во затворен јавен простор, пристап до угостителски, спортски или други услуги се бара задолжително приложување вакцинален сертификат.

Активни на вирусот во земјава има 246 случаи, најмногу (88) се во Скопје, а по него следува Тетово со 78. Двоцифрени активни случаи имаат уште четири општини – Гостивар (14) и Куманово, Охрид и Кичево по 13.