Владата доцна синоќа го заврши процесот на репатријација на македонски државјани од Сирија и Ирак. Станува збор за четворица мажи кои се водат како странски терористички борци, пет жени и 14 деца. Во владиното соопштение е наведено дека процесот е спроведен согласно обврските кои произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации.
„Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство. Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за нив имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд“ се вели во соопштението на Владата.
Репатрираните жени и деца ќе подлежат на 14-дневен здравствен карантин на доброволна основа и неопходни лекарски прегледи. Во наредниот период, надлежните служби ќе работат на обезбедување докази за можно учество во инкриминирани дејствија, за секој случај поединечно.
Две банди владеат со скопското подземје
Со исклучување на можноста за нивна вклученост во дејствија кои подлежат на казнено-правна одговорност, почитувајќи го во целост начелото на доброволност, ќе отпочне процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата, односно во општеството, наведува владината прес-служба.