Цел живот сум растел со „ударните вести“ дека Македонија конечно ќе отпочнела преговори со Европската Унија со цел исполнување на тие недостижни евроинтеграции - барем така тврдеа политичарите. Како што растев и учев, сфатив дека Македонија има многу внатрешни проблеми и предизвици кои бараат да се надминат пред да фрлиме поглед на нашите надворешни работи, како на пример проблемот со високата стапка на корупција, реформи во државна администрација, невработеност и останатите. Без разлика на која било власт, сите стоеле зад истиот став: Ако сакаме иднина, треба во ЕУ. Но дали Европската Унија сака со нас?
Видете и ова: На излезот од пандемијата: младите сè уште ниско на листата на општествените приоритетиСекој човек кој има пристап до телевизор или социјални мрежи знае за „скандалите“ кои Бугарија ги прави кон Македонија во меѓународното право, дали е тоа непризнавање на нашиот идентитет, јазик или пак отворено изјавување на територијални претензии од една кон друга држава. Меѓународната заедница иако упорно изјавува дека се стреми кон остварување на „егалитарно општество“ каде сите субјекти имаат еднакво право на глас и исти права, некако не се присутни на ова важно македонско прашање.
Во овој случај се работи за нешто сериозно, а тоа е обид за бришење на македонска нација и идентитет. Без да навлегувам во секакви квази-националистички флоскули, Бугарија директно и индиректно има изјавувано дека ние како Македонци само постоиме како неофицијален дел од Бугарија, бара да се откажеме од нашето македонско малцинство во Бугарија и да признаеме дека имаме иста историја.
Согласно кодексот и принципите на меѓународното право, вакво нешто е недозволиво, особено кога се работи за ставање вето во мултилатерални односи за „судир“ на билатерални односи. Тоа е чисто уценување. Треба да ја потсетиме Бугарија дека кога Македонија се осамостоила во 1991 година, истата Бугарија прва не призна, за после три децении истата да ни поставува ултиматуми во врска со отпочнување на преговори со ЕУ. Лично сум разочаран од сите наводно стратешки партнери кои се залагаат за наше добро, а не и противрекуваат на Бугарија за ова вето. Овде има неколку можни исходи, или ќе се прекине овој судир меѓу двете земји, или ќе се констатира дека самата Европска Унија не сака да има проширување. Ние и се да и дадеме на Бугарија, повторно ќе заглавиме во преговарачката рамка. Зошто?
Одговорот лежи во таканаречените копенхашки критериуми. За да се биде земја-членка на Европската Унија потребно е да се исполнат одредени горенаведени услови во колумната (корупција, реформи во државна администрација, развиена, конкурентна економија и останато).
Видете и ова: Да честитаме или останавме заглавени?Преговарачкиот дел може да трае повеќе години и поради тоа ние не смееме да чекаме само на Бугарија или некоја трета страна, туку треба самите да си помогнеме, преку солидарност, единство и волја за нашите сегашни и идни генерации! Секако дека не можеме во рок од три години да ги решиме сите проблеми и да ги надминеме сите предизвици, меѓутоа само со поставување на краткорочни, средни и долгорочни цели ние можеме да добиеме јасна слика за нашата моментална ситуација.
Мојот став во врска со измислениот судир со Бугарија е дека не треба да се преговара со луѓе кои само ни мислат лошо. Верувам дека ова е само политика поттикната од други причини, а не дека тоа го бараат граѓаните (како што се покажува по изборните резултати во Бугарија). Македонскиот јазик е нашиот идентитет, ние сме Македонци во Македонија а имаме наша сопствена македонска дијаспора ширум низ светот. Македонија е инклузивна земја, и народот така треба да го сфати тоа. Не е важно кој си, што си и кај си, битно е да сакаш својата земја да напредува. Помогни му на соседот, придонеси во општеството, биди нормален човек. Само така ние можеме да бидеме една среќна и нормална земја.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.