Кипар воведува наградни игри како мотив за вакцинација на младите

Во Кипар е водедена задолжителна потврда за вакцинација против ковид 19 за јавниот превоз, негативен резултат од тест или прележан Ковид-19 за сите угостителските објекти, за супермаркетите, продавниците и слично што имаат капацитет да примат над 20 лица, без разлика дали се на отворено или затворено. Овие мерки ги донесе кипарската влада поради влошувањето на епидемиолошката слика во земјата.

За помалите простори, како што се на пример минимаркети или фурни во кои согласно површината, капацитетот е на пример, 15 потрошувачи и пет вработени, тогаш не е потребен „Safe Pass“.

Исклучок, исто така се и плажите и парковите, но, задолжителен е за јавниот превоз (автобуси, такси возила и сл), како и за посета на јавните служби.
Меѓу новите мерки, кои во понеделник стапуваат во сила и ќе важат до 31 јули, се и затворање на организираните групни кампови, додека пак индивидуалните ќе продолжат со работа, како и работа на угостителските објекти, ноќните клубови, само за седнати гости, со забрана за танцување, а исклучок има за просторите што работат само за вакцинирани лица.

Претседателот на Кипар Никос Анастасијадис во обраќањето до граѓаните, истакна дека „критичноста на ситуацијата се докажува и со фактот дека во седмицата од 8-15 јули беа регистрирани 6.853 нови случаи“, а врз основа на податоците, девет од десет лица кои имаат сериозни симптоми и се хоспитализираат не се вакцинирани и мнозинството се под 40 години.

„Сакам да бидам јасен. Намерата на Владата не е да ги подели граѓаните на вакцинирани или невакцинирани. Сакам да го повторам тоа. Факт е дека го почитуваме правото на избор на секој граѓанин. Но, во исто време, како држава, должни сме да го заштитуваме правото на живот и работа на сите граѓани“ истакна тој во своето обраќање.

Кипарската Влада, дополнително соопшти мерки и за поттикнување на младите да се вакцинираат, преку извлекувања и награди, како авио билети, билети за фудбалски натпревари и попусти во продавници со ваучери од 50 до 100 евра. Во конкретната кампања учествуваат различни компании кои ќе доделуваат награди, по случаен избор за вакцинираните од 18 до 30 години.
Според податоците од кипарското Министерство за здравство речиси пола милион граѓани, односно 69,7 отсто примиле најмалку една доза, а 60,7 проценти се целосно вакцинирани.