Сите 18 луѓе кои биле во малиот руски патнички авион кој принудно слета во Сибир се пронајдени живи, со незначителни повреди. Регионалниот гувернер го нарече принудното слетување „чудо“.
Властите во сибирскиот регион Томск и претставници на Федералната агенција за воздушен транспорт (Росавијација), како и регионалниот директорат на Министерството за вонредни состојби соопштија дека авионот бил пронајден два часа по исчезнувањето.
На сликите што ги објави новинската агенција ТАСС се гледа оштетениот труп на авионот во шума. Пилотот за ТАСС изјавил дека откажале двата мотори на авионот кратко по полетувањето.
Регионалните власти во Томск претходно соопштија дека по авионот трагаат три хеликоптери и неколку спасувачки групи.
Регионалниот директорат на Министерството за вонредни состојби соопшти дека авионот испратил сигнал за тревога пред да исчезне од радарите доцна попладнево.
Авионот АН-28 летал од гратчето Кедрови до регионалниот главен град Томск. Во леталото имало 14 патници, меѓу кои две деца, и четворица членови на екипажот. Тие се пренесени во болницата во Томск на лекарски преглед.
Несреќата се случува помалку од две недели откако друг руски авион се урна на Камчатка, при што загинаа сите 28 луѓе. Властите обвинија за пилотска грешка.
Во 2012 се урна авион Ан-28, кој летал од Петропавловск-Камчатски до Палана. Десет од 14 луѓе кои беа во авионот загинаа. Меѓу загинатите беа и двајцата пилоти, кај кои бил откриен алкохол во крвта.