Гренланд најавува забрана за истражување нафта

Откако ја блокираше експлоатацијата на ураниум, новата влада на Гренланд објави забрана за истражување нафта на таа територија на Арктикот. Во одлуката, објавена на 15 јули, се вели дека „е одлучено да се суспендира сегашната стратегија за нафта и да се запре понатамошното истражување на нафта во Гренланд“.

"Ова е логичен чекор, бидејќи владата сериозно ја сфаќа климатската криза. Одлуката е донесена и во интерес на нашата природа, во интерес на нашиот риболов и со цел да се концентрира нашата економија на реални потенцијали", изјави членот на Владата, Наја Натаниелсен.

Истражувањата на нафта во Гренланд беа закочени во последните неколку години, така што оваа одлука е во голема мера симболична.

Според локалната самоуправа, „новата економска анализа за профитабилноста при истражувањето на нафта (во Гренланд) јасно покажува дека профитабилноста е мала“, односно двојно помалку од она што го очекуваат нафтените компании.

Левата партија за заштита на животната средина дојде на власт на изборите во април. Во согласност со предизборните ветувања, владата во моментов е во консултации со цел усвојување на закон за забрана за истражување и експлоатација на ураниум во Гренланд.