Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 10 октомври 2020
„Бев малтретирана цели 12 години и психички и физички. Животот ми беше пекол, секојдневна тортура. Прво мислев сè ќе помине, се надевав многу дека ќе се смени, но не испадна така. Се смени, да, но на полошо, стануваше сè полош и полош. Кога ја изгубив надежта дека нешто ќе се смени, велев ајде поради децата, греота се, правилно е да растат со двајца родители. Но, не било така, не е само да имаат татко, најважно е каков татко имаат.“
„14 години ги поминав во брак, брак направен пекол. Денови исполнети со страв дали и денес ќе бидам истепана. Решив да ставам крај на таквиот живот. Го напуштив! Сега сум среќна, ми се врати самодовербата и спокојот.“
„Сфатив дека не можам да продолжам да живеам во страв кога ќе се случи следната сцена, дали тој ќе ме чека пред влез, дали ќе дојде на моето работно место и така постојано во истиот круг. Да, стравот беше она што ми влијаеше да одлучам дека треба да ставам крај на сето тоа.“
Видете и ова: Црно-бела поддршка против насилството врз женитеОва се само дел од сведоштвата на жени жртви на семејно насилство кои побарале помош од невладините организации.
Според истражување на ОБСЕ од 2019, секоја седма жена во Македонија била жртва на физичко или сексуално насилство, а скоро половина биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер. Според ова истражување, распространетоста на насилството во Македонија е значително пониска отколку во ЕУ, но ОБСЕ забележува дека три пати повеќе жени во Македонија отколку во ЕУ сметаат дека домашното насилство е приватна работа што треба да остане во семејството. Истражувањето покажува дека само два проценти од жените кои имале такви искуства со сегашниот партнер го пријавиле во полиција она што тие го сметале за најсериозен инцидент. При тоа многу поверојатно е дека жените ќе пријават насилство од некој што не е нивен партнер или од поранешен партнер, отколку од сегашниот.
Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека три од пет (60%) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.
Ковид-19 го зголеми семејното насилство
Според полициската статистика, од почетокот на пандемијата на коронавирус и воведувањето на вонредна состојба и полициски час, бројот на пријави на семејно насилство се зголемил. Во периодот од 12 март до 3 август годинава имало 411 кривични дела и 186 прекршоци поврзани со семејно насилство. Во истиот период имало и 1606 поплаки за семејно насилство. Бројот на поплаки се зголемил, но бројот на кривични дела се намалил во однос на лани.
Во Кризниот центар „Надеж“ велат дека од април 2020, кога почна полицискиот час, бројот на пријави кај нив се зголемил за 30 отсто. Некои пријавуваат насилство, но некои само сакаат да поразговараат со некого.
Закони има, има невладини организации кои нудат помош, шелтер центри и државни институции задолжени за проблемот, но мал број од жртвите го пријавуваат насилството, а уште помал број ја истеруваат процедурата до крај – со кривични пријави и напуштање на насилникот.
Жртвите на семејно насилство најчесто се жени, а насилници нивните сопрузи или партнери.
Многу често жртвите тешко излегуваат од тој магичен круг на насилство – пријавуваат, го напуштаат насилниот партнер, но потоа се враќаат, па извесно време сè е во ред, па потоа насилството повторно почнува. Главни причини за тоа се недовербата во институциите и стравот од сиромаштија, вели Маја Дилберова од Кризниот центар Надеж.
„Најчеста причина е недовербата во институциите, луѓе не веруваат дека институциите можат да им помогнат. Мислат дека полицијата не може ништо да направи, мислат дека центрите за социјална работа не можат ништо да работат, иако законски навистина имаат секаква можна заштита. Таа недоверба или стравот од соочување со животот сам. Жена што ќе излезе од насилна средина треба да продолжи понатаму сама, да се бори за себе и за своите деца, ако има деца. Тоа е најчестата причина што се враќаат назад, повторно им се случува истото и така во круг додека не им пукне филмот што се вели. Сиромаштијата генерално прави проблем и тоа е една од најчестите причини тие што излегле или што се обиделе да излезат од насилната средина да се вратат назад“, вели Дилберова.
Правната советничка во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Росана Богатинова вели дека македонското општество овозможува насилство.
Видете и ова: Ќотекот ретко излегува од дома„Ние живееме во општество коешто толерира и промовира насилство, поради тоа што уште во самиот образовен процес наставните содржини по коишто учат нашите деца се полни со родови стереотипи и дискриминација. Ние сè уште ги учиме децата дека жената е единствено одговорна за извршување на домашните обврски, а мажот е тој којшто се грижи за финансиите и така му даваме можност да ја има доминацијата, моќта и контролата во семејството. Генерално живееме во општество коешто смета дека насилството е приватен проблем, дека тоа е интимно прашање и дека секое семејство треба поединечно да си го реши тоа прашање. Од 2004 година семејното насилство во Македонија не е приватен проблем, поради тоа што во Кривичниот законик се воведоа дела при вршење на семејно насилство и им се дадоа обврски на институциите коишто мора по службена должност да постапат и да се вмешаат во приватниот живот на луѓето кога станува збор за спречување на насилство“, вели таа.
Богатинова посочува дека тие стереотипи потоа се пресликуваат и во институциите.
„Ние во самото постапување на институциите забележуваме родови стереотипи и дискриминација. Кога се постапува во случај на семејно насилство, полицијата има можност да му предложи на судот да изрече мерка отстранување на сторителот од домот, без оглед на сопственоста, и забрана за приближување до домот, но она што најчесто се случува во пракса е сторителот да биде оставен во домот, а жртвата да биде таа што е принудена да го напушти“, вели Богатинова.
Дилберова посочува дека зголемувањето на семејното насилство за време на полицискиот час било очекувано зашто ги става на исто место насилникот и жртвата подолг период. Истражувањата покажуваат дека најчеста причина за семејно насилство е алкохолизмот, а потоа следуваат љубомората и проблемите со пари.
„Според она што го слушаме од оние што се јавуваат, тие велат дека причина за насилството е алкохолизмот. Можеби е изговор, можеби некој што е карактерно насилен го користи алкохолизмот како причина за малтретирање на околината“, вели Дилберова.
Слепи институции - Жртвите на насилство стануваат жртви на убиство
Во периодот од 10 март до 31 јули имало три случаи на убиство при семејно насилство и еден обид за убиство. Истражувањето на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство покажува дека секоја година има по неколку убиени жени при семејно насилство. Најлоша била 2010 година кога биле убиени 13 жени.
Последниот таков случај беше пред еден месец кога 67-годишен гостиварец си ја уби сопругата со нож и секира. Роднините на жртвата се сомневаат во бавна реакција на полицијата, зашто жртвата и претходно пријавувала семејно насилство.
Во последниот месечен извештај за септември на Хелсиншкиот комитет за човекови права се наведува дека најчестата причина за фемицид е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство, односно несоодветното постапување по пријавите на насилство, што дополнително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции. Уранија Пировска од Хелсиншкиот вели дека многу од фемицидите можеле да се спречат ако институциите постапувале како што треба.
„И од страна на Центарот за социјална работа, и од страна на Министерството за внатрешни работи и на крајот судските постапки не се ефикасни, односно не ги спасуваат жртвите од насилниците. Тоа е главниот проблем. Многу од фемицидите во Македонија сме утврдиле дека всушност се случиле затоа што не е реагирано како што треба од страна на службите. Тоа е главниот проблем. Треба да се постапува поажурно, и кога ќе се види дека постои опасност и постои насилство треба веднаш да се преземат мерки“, вели Пировска.
Хелсиншкиот комитет бара итно донесување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој требаше да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа поради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието.
Владата во 2017 година ја ратификува Истанбулската конвенција за спречување насилство врз жените.
Министерството за труд и социјална политика финансира шелтер центри, кризен центар за до 48 часовно сместување, СОС линија, а градот Скопје финансира советувалиште за деца жртви и сторители на насилство. Центрите за социјална работа, пак, работат со жртвите на семејно насилство.
Во меѓувреме во собраниска процедура влегоа измени на Законот за спречување семејно насилство според кои прекршочните казни се намалуваат до 6 пати. Измените се прават за усогласување со Законот за прекршоци кој беше донесен во мај минатата година. Во Министерството за труд и социјала прашавме дали ова намалување на глобите може да придонесе за „релаксирање“ и на сторителите и на надлежните органи. Тие велат дека законот има механизми за заштита на жртвата, како привремени мерки за заштита што се изрекуваат на суд, а нивното непочитување е кривично дело, а не прекршок.
„Одмерените глоби се однесуваат за сторен прекршок од страна на правното лице, на одговорното службено лице и на раководното лице и на службеното лице во институциите надлежни за спроведување на одредбите од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство“, велат во Министерството.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Жената трпи да го зачува семејството
Со слични проблеми се соочуваат и земјите од соседството. Албанија, земја веќе позната по високи стапки на семејно насилство, бележи зголемување на вакви случаи среде пандемијата, бидејќи карантинот и невработеноста ги заробија жртвите заедно со нивните насилници. Според извештајот на ОН за минатата година, една од две албански жени претрпеле семејно насилство во текот на својот живот, во споредба со глобалниот просек од една од три.
Нејзиното лице е отечено, а рацете со модринки. Ана гледа загрижено во нејзиниот стан во источна Албанија, каде е заробена со насилен сопруг чии напади се зголемија за време на пандемијата.
„Мојот живот беше пекол во последните неколку месеци“, вели 31-годишната девојка, чие име е сменето заради нејзината безбедност, додека нејзините ќерки, на возраст од три и пет години, се припиваат до неа во темниот агол на малиот стан.
Семејното насилство веќе беше на високо ниво во Албанија, една од најсиромашните европски земји, и пред да започне вонредната состојба со коронавирусот во март. Но, за Ана и за жените како неа, мерките за престој дома и економската несигурност ја влошија нивната мака и доведоа до пораст на насилствата.
Тепањето започнало пред неколку години кога сопругот на Ана дознал дека е бремена со втора ќерка, а не со син.
„Тој сакаше да абортирам, но јас сакав да го задржам своето бебе“, изјави таа за Франс Прес.
Насилството се влоши кога пандемијата предизвика и Ана и нејзиниот сопруг да останат без работа. Преплашена од тоа, Ана не гледа излез.
„Ако направам мал чекор, тој ќе биде уште понасилен. Што можам да направам“, вели таа низ солзи.
Патријархалното општество во Албанија строго управува со родовите улоги, оставајќи многу жени финансиски зависни од мажите и сè се врти околу системот на чест и срам. Скоро една од две Албанки претрпеле семејно насилство во текот на својот живот, и е трета земја во светот по вакви случаи. Сепак, скоро половина од анкетираните во Албанија сметаат дека „жената треба да толерира насилство за да го задржи своето семејство заедно“, се наведува во извештајот.
Скриено страдање
„Жените и децата се први на удар на пандемијата, бројот на жртви на семејно насилство значително се зголеми“, вели Ирис Луараси, која раководи со група за помош на жртвите во Албанија.
„Карантинот и пандемијата имаа извонредно влијание во зголемувањето на бројот на жртви на семејно насилство. Во овој период, имавме 60 проценти зголемување на повиците за помош во споредба со истиот период од претходната година“, вели таа.
На сличен начин, Форумот за жени во централниот град Елбасан, исто така, забележа „значително зголемување“ на повиците за помош од жртвите, чие „ментално здравје се влошува“, вели Шпреса Бања.
„Тие сакаат да зборуваат за нивната вознемиреност, за нивниот тотален недостаток на решение“, вели таа.
Додека само мал дел од преживеаните зборуваат, Програмата за развој на ОН им помогна на повеќе од 200 жени и девојки да избегаат од насилни ситуации оваа година, рече нејзиниот претставник во Тирана, Лимја Елтајеб.
Според активистите, многу жени решаваат тајно да ги споделуваат своите страдања преку телефонските линии наместо да одат на суд, каде им се нуди мала помош на оние кои немаат финансиски средства да најдат нов дом.
Семиха Џани, 37-годишна мајка на 10-годишно момче, го испроба правниот пат, но ја загуби вербата по шестгодишната битка да бара права на нејзината куќа и издршка на детето од разводот во 2013 година. Тоа е заеднички проблем за жените во Албанија, каде што имотот традиционално се регистрира и се наследува преку името на сопругот или неговото семејство. Немајќи каде да оди на друго место, Џани сè уште живее покрај нејзините снаи во просторија со дупки на ѕидот, кај главниот град Тирана. Роднините на нејзиниот сопруг, кој работи во странство, рутински им се закануваат дека ќе ги истераат неа и нејзиниот син.
„Подобро ќе беше да трпам повеќе насилство отколку да бидам вака на улица со мојот син, не знам каде да одам, невработена сум, не можам да платам кирија“, вели таа.
Нејзината оскудна плата од миење садови за брза храна не е доволна за покривање на киријата.
„Не знам каде да одам“, вели таа.
Албанскиот парламент неодамна ги заостри казните за семејно насилство, за кое сега се дава затвор од пет до 10 години. Но, тоа не и донесе никаков мир на умот на Линдита Хоџа, 40-годишна мајка на три деца, која сè уште заздравува од нападите што ја оставија со скршен нос, вилица и пршлени.
„Ме измачуваше со шрафцигери, ножеви, пиштол во главата“, изјави Хоџа, која сè уште има оштетувања на левото око.
Откако отиде во затвор во 2018 година за домашно насилство, нејзиниот поранешен сопруг беше ослободен во април како дел од амнестијата за расчистување на затворите за време на кризата со ковид-19.
„Дури и во затвор, тој не престана да се заканува, но сè стана ужасно кога се врати “, вели Хоџа додавајќи:
„Системот на правдата, наместо да ги решава конфликтите, ги продлабочува уште повеќе поради одложувањата, бидејќи насилството и тензиите траат секој ден“.
Преплашена од неговото враќање, таа ги зела своите деца и побегнала од нивниот дом. Безбедните куќи за жени веќе беа полни, па таа побара засолниште во мал изнајмен простор во една нова населба.
„Сè уште се плашам, дури и децата се плашат, тој може да се појави во секој момент, тој ќе ме убие“, вели таа плачејќи.
Нејзините повреди, заедно со пандемијата, ѝ отежнуваат да најде работа за да ги издржува своите деца. Помалку од 32 евра месечно од државата не ѝ помагаат многу.