Тагесшпигел: Пропаганден удар на Србија и Кина пред вратата на ЕУ

Синиша Мали, српски министер за финансии, ѝ го дава на Чен Бо, кинеска амбасадорка во Србија, планот на српската влада за соработка меѓу Србија и Кина до 2025 година, Белград, 2 јули 2021 година.

Кога го снабдуваше Западен Балкан со вакцини, Европската унија остави вакуум што го користеа Србија и Кина во своја полза, пишува германскиот дневен весник „Тагесшпигел“. Весникот наведува дека од неодамнешното потпишување на договорот меѓу Србија, Кина и Обединетите Арапски Емирати за производство на вакцината на Синофарм може да се дознае дека вакцината не е корисна само за сузбивање на пандемијата, туку и за реализација на дипломатските интереси. „Меморандумот за разбирање склучен од трите земји не значи дека планираните десет милиони дози Синофарм навистина ќе бидат произведени во Србија до крајот на годината. Но, Европската унија е многу свесна дека Кина и Србија спроведоа пропаганден удар“.

Србија: фабрика за вакцините на Синофарм до крајот на годинава

Весникот проценува дека ова „не е прв пат Кина да има можност да ја користи пандемијата во Србија за своето големо шоу“. Весникот потсетува дека во Србија веќе се произведува руската вакцина Спутник, која, како и кинеската, нема одобрение од Агенцијата за лекови на ЕУ (ЕМА). „Тагесшпигел“ ги пренесува зборовите на неименуван „претставник на ЕУ“ дека претседателот на Србија „Александар Вучиќ не пропушта никаква можност да и покаже на Европската унија дека Белград работи добро без нејзина помош“. „ЕУ сега има доволно вакцини. Канцеларката Ангела Меркел неодамна објави дека Германија ќе испрати три милиони дози на Западен Балкан преку програмата КОВАКС. Но, тоа не го менува амбициозниот план на Вучиќ за снабдување на целиот Западен Балкан со вакцини наскоро“, пишува весникот.